Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
///////
Декларација од Централниот комитет на ВМРО против Манифестот од 1924 година

В М Р О
Слобода или смрт
N 772
1 август 1924 г.
Македонија

Д е к л а р а ц и ј а

Во првиот број на весникот “La Federation Balcanique”, кој излегува во Виена е напечатен еден манифест, кој й се препишува на Централниот комитет на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.

Овој документ не е на Централниот комитет.

Од содржината и формата на овој манифест секој може да види, дека тој е дело на егзалтирани комунисти. Остриот јазик против владата на Бугарија и апелот кон сите Македонци и Бугари да поведат најрешителна борба против неа, како да е таа главната пречка за ослободувањето на Македонија,  исто така ги издава партизанските чувства на неговите автори.

Во септември минатата година, Централниот комитет на ВМРО во своја декларација го изложи карактерот на македонското ослободително движење. Во неа се кажува:

“Револуционерната организација ги обединува сите класи на македонскиот народ без разлика на народност, религија, пол и политички убедувања”.

Четите и легалните конспиративни групи, чијашто мрежа се простира врз цела Македонија, се регрутирани меѓу населението без разлика на раса. Во нив учествуваат и мажите и жените и момите и децата.

Во истите чети и конспиративни групи дејствуваат рамо до рамо граѓани и селани, Бугари, Турци, Куцовласи, Грци, гркомани и србомани. И најпосле мрежата на Револуционерната организација ја образуваат и луѓето со конзервативни идеи, и оние, со демократски, социјалистички, радикални и дури со комунистички убедувања. Од горе кажаното излегува, впрочем, дека Македонската револуционерна организација не е шовинистичка, туку чисто национална. Нејзините приврзаници не се задоени со омраза против кој и да било народ. Народите не се нејзини непријатели. Таа се бори против угнетувачките влади и нивните поддржувачи.

Револуционерната организација декларира, дека таа е апсолутно туѓа на политиката на бугарската влада.

Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ќе продолжува да следи една линија на независно поведение. Таа смета за успехот на својата кауза на слободољубивото мислење на целиот свет и на сите организации и групи, коишто ја напишале на своите знамиња заштитата на правото за слободното самоопределување на народите. Поточно - таа смета на моралната и материјална помош на сите емигранти во Бугарија, Америка, Турција, Русија, Романија и во другите земји, без да се меша во нивното делување. Таа смета, најпосле, на подршката на сите народности, што живеат во државите кои си ја поделили Македонија и кои се борат за својата национална и политичка слобода. При сето тоа, Внатрешната Македонска револуционерна организација смета пред сe на своите сопствени сили. Таа изјавува категорично, дека нема да го стави оружјето, пред да ја постигни својата цел - полното ослободување и единството на македонското население, основањето на слободна и независна Македонија.”

Внатрешната Македонска Револуционерна Организација не може да му служи на никоја држава и на никоја партија, во која и да е држава. Таа смета на помошта и подршката на сите држави во нејзината борба против угнетувачите на Македонија и против непријателите на македонската слобода. За таа цел таа влегува во врски со сите големи и мали политички фактори во светот. Без сомнение, Централниот комитет не си прави илузии, дека ќе може некогаш да ги придобие сите сили за справедливата македонска кауза, но тој се стреми по можност да направи повеќе да ги придобие добронамерниците на изнемоштеното македонско население. Секоја помош, од каде и да потекнува таа, се прифаќа, но со обавезен услов да ја зачува својата полна самостојност и слобода во своите дејствија. Треба многу слабо да се познати составот на ВМРО, нејзините традиции, нејзините цели и нејзините методи, за да може некој да си помисли, дека таа може да му служи на една партија или на една класа. ВМРО е по суштина национална организација. Таа се бори за лични човечки и граѓански права, слободно културно самоопределување на народите и политичко самоуправување на Македонија.

Борејќи се за националните права на народностите во Македонија, во целата нивна полнота, ВМРО се бори, само по себе произлегува, и за поголема социјална правда, затоа што националното ропство во завладеаните земји се покривот од политичкото и социјално ропство. Кога сите класи и сталежи од една народност се чувствуваат потиснати, макар и во различна мерка, тие би си напакостиле на себеси, ако му дадат предност на своите приватни интереси пред да се доберат со заеднички усилби до овие елементарни права и слободи, без коишто е невозможен каков и да е политички, економски и културен напредок. Што се однесува до Бугарија, Централниот комитет, кога изјавува дека не е работа на ВМРО да се меша во внатрешниот и политичкиот живот, но дека ќе се бори со сите сили и средства против непријателите и злоупотребителите со нејзиното име и престиж, кои и да се и каде и да се наоѓаат тие, смета, дека е време, сите политички партии и фактори да разберат дека ВМРО е единствена компетентна да ја насочува својата дејност во преследувањето на својот идеал - слободна и независна Македонија. Тоа се налага особено од условите, што најголемо учество во ослободителното дело земаат македонските Бугари, поради простата причина, што тие се најпритеснетите и најмногубројните во поделената и поробена земја. Не е само долг на хуманост, туку  е и национален долг, сите Бугари, без разлика на партија, да сочуствуваат со македонското дело, или најпосле, во никој случај да не му пакостат заради свои партиски интереси.

Тоа било, тоа е и денес становиштето на Централниот комитет. Сите други манифести, декларации и др., коишто се појавуваат или би се појавиле од негово име, ги ангажираат само нивните автори и никого друг.

     Од Централниот комитет на ВМРО            
/п/ Тод. Александров    /п/ А. Протогеров

<<Назад | Почеток

granicnik